Заменик-претседателот на Владата, Љупчо Димовски, по повод 13 Ноември – Денот на ослободувањето на Скопје, упати честитка до граѓаните, потсетувајќи на жртвата и храброста на борците кои учествувале во ослободувањето на главниот град пред 82 години.

Димовски им оддаде почит на борците од 42-та и 50-та народноослободителна дивизија, како и на 12-та, 3-та и 16-та македонска ударна бригада, нагласувајќи дека нивната пожртвуваност оставила траен белег во историјата на Скопје и Македонија.

Тој посочи дека денес, 82 години подоцна, постои историска и морална обврска да се зачуваат вредностите за кои се бореле ослободителите, меѓу кои антифашизмот, слободата, правдата, суверенитетот и националниот идентитет.

„Категорично се спротивставувам на историскиот ревизионизам и на сите обиди за негирање, искривување или омаловажување на македонската антифашистичка борба“, порача Димовски.

Во честитката тој нагласи дека слободата не треба да се гледа само како историско наследство, туку и како одговорност кон идните генерации, која треба да се потврдува преку достоинствен живот, економски развој, социјална сигурност, еднакви можности и владеење на правото.

„Слободата добива вистинска смисла само кога ја претвораме во достоинствен живот, економски развој, социјална сигурност, еднакви можности и владеење на правото за секој граѓанин“, истакна заменик-претседателот на Владата.

На крајот од честитката, Димовски им оддаде почит на загинатите борци и порача:

„Вечно да е слободно Скопје! Да ни е жива, слободна, независна и суверена Македонија!“