До 18:00 часот денеска на територијата на државата се регистрирани вкупно 12 пожари на отворен простор, од кои пет се активни, еден е ставен под контрола, а шест се целосно изгаснати.

Според информациите, активни пожари има во Општина Куманово, во населбата Перо Чичо, каде гори депонија и ниска вегетација, како и во населбата Бедеиње и селото Режановце, каде е зафатена ниска вегетација и садници.

Активен е и пожарот на депонијата во Пехчево, како и пожарот помеѓу селата Тркање и Бање во Општина Чешиново-Облешево, каде гори ниска вегетација. Пожар има и во близина на Злетовска Брана во Општина Пробиштип.

Под контрола е ставен пожарот кај селото Дворци во Општина Пласница, каде гореше депонија.

Во текот на денот изгаснати се пожарите кај селото Казан Дол во Општина Валандово, селото Инџиково во Општина Гази Баба, селото Руѓинце во Општина Старо Нагоричане, во близина на „Риал Компани“ во Општина Врапчиште, кај селото Лакинци во Општина Свети Николе и кај селото Гари во Општина Дебар.