Големите компании во Европската унија повеќе нема да смеат да ја уништуваат непродадената облека и обувки.  Наместо фрлање, компаниите ќе мораат производите да ги препродаваат или да ги донираат. Ова се новите правила кои стапија на сила.

Исклучоци ќе има само во случаи кога производите се опасни, оштетени, контаминирани или не можат повторно да се користат, поправат или обноват.

Новите правила се дел од европската регулатива за екодизајн, која стапи на сила во јули 2024 година и има цел да го намали отпадот и да го поттикне моделот на циркуларна економија.

Германскиот сојуз на трговци на мало (HDE) оцени дека забраната може да им користи на потрошувачите, бидејќи ќе ја зголеми понудата на производи со намалени цени преку аутлет продавници, распродажби и канали за продажба на половна стока.

Извршниот директор на HDE, Штефан Гент, смета дека новите правила можат да имаат позитивен ефект врз животната средина, бидејќи помалку облека ќе завршува како отпад, а повеќе производи ќе се препродаваат или донираат. Сепак, тој предупреди дека трговците ќе се соочат со дополнителни предизвици.

„Не може секоја непродадена стока лесно да се препродаде или донира“, посочи Гент, наведувајќи проблеми како оштетена амбалажа, високи трошоци за логистика, недостаток на побарувачка или ниска вредност на производите.

Според него, трговците ќе имаат дополнителни трошоци за складирање, сортирање, обновување и повторен маркетинг на производите, како и административни обврски поврзани со документацијата и донациите.

„Забраната за уништување испраќа важен сигнал за поодговорно користење на ресурсите“, изјави Ланге.

Сепак, тој предупреди дека најголемиот проблем не е кај европските производители, бидејќи непродадената стока најчесто не се уништува, туку кај големите количини евтина облека од таканаречената „ултрабрза мода“, која потрошувачите директно ја нарачуваат од добавувачи надвор од Европа.

Според податоците на Европската комисија, меѓу 4 и 9 отсто од непродадениот текстил во Европа секоја година се уништува, иако никогаш не бил користен. Ова создава околу 5,6 милиони тони емисии на јаглерод диоксид годишно.