-Со потпишувањето на Договорот, нашата држава стана полноправна учесничка во новата програма на Унијата наменета за културниот, креативниот и аудиовизуелниот сектор, велат од Министерството за култура.

Програмата е усвоена на 28 мај 2021 година од страна на Европскиот парламент и Советот на Европската Унија. „Креативна Европа 2021 – 2027“ се состои од три дела/потпрограми: Култура, МЕДИА и Меѓусекторски дел.

-Програмата ја препознава културната разновидност како главен приоритет преку кој треба да се одговори на предизивиците со кои се соочуваат културниот, креативниот и аудиовизуелниот сектор денес. Приоритети на програмата се: заштита, развој и унапредување на културната и јазичната разноводност и наследство, како и засилување на конкурентноста и на економскиот потенцијал на културните и креативните сектори и на аудиовизуелниот сектор. Програмата стреми кон усогласување на овие приоритети со подемот на дигиталните, инклузивните и еколошките политики на Европската Унија во смисла на обезбедување нивна одржливост, истакнуваат од Министерството за култура.

Буџетот на Европската Унија обезбеден за оваа програма изнесува 2,44 милијарди евра за периодот од 2021 до 2027 година.

-Финансирањето на Европската Унија во рамки на различните акции на програмата се движи од 80 до 40 отсто што е потврда за високото учество на неповратни средства и високиот износ на максимални средства за одобрени проекти. Програмата нуди можност за различни видови поддршка на релевантните сектори и опфаќа многубројни целни групи како потенцијални учесници во проектите (културни и креативни сектори, аудиовизуелен сектор, образовни институции, граѓански здруженија, општини и локални институции, приватни организации и др.), велат од Министерството.

Оттаму потенцираат дека импактот што се остварува со резултатите од имплементираните проекти претставува значајна поддршка во развојот на културниот, креативниот и аудиовизуелниот сектор на национално ниво.

-Креативна Европа овозможува максимална транспарентност и видливост на проектите и нивниот импакт, потенцираат од Министерството за култура.

Програмата на национално ниво се спроведува преку Канцеларијата за Креативна Европа при Министерството за култура (Потпрограма Култура) и Агенцијата за филм (Потпрограма МЕДИА). Канцеларијата функционира како советодавно и информативно тело за спроведување на програмата