Царината го откри случајот при контрола на пратка
Доктор и медицинска сестра се сомничат дека се обиделе да криумчарат 199 вијали ботокс во вредност од 615 илјади денари, кои биле пријавени како козметички примероци со значително помала вредност.
Случајот бил откриен од царински службеници од Царинска испостава Скопје 1, при контрола на поштенска пратка пријавена за увозно царинење. Во фактурата биле наведени 10 козметички примероци со вредност од 80 долари.
При отворање на пратката биле пронајдени 199 вијали ботокс, наменети за естетска медицина, кои не биле декларирани.
Доктор и сестра се сомничат за прикривање на вистинската пратка
По откривањето на пратката, случајот бил преземен од Одделението за истраги и се спроведени предистражни дејствија, по налог на јавен обвинител, при што биле извршени претреси на три локации.
Според досегашните сознанија, првоосомничениот, доктор од Универзитетскиот клинички центар „Мајка Тереза“, ја нарачал пратката од компанија од Република Кореја и договорил таа да биде прикажана како значително помала по обем и вредност.
Второосомничената, медицинска сестра од истиот клинички центар, се согласила пратката да пристигне на нејзино име и адреса и ја платила фактурата од својата сметка.

Поднесена кривична пријава и порака од царината
Против двете лица е поднесена кривична пријава до ОЈО Скопје за криумчарење и царинска измама, казниви согласно Кривичниот законик.
Од Царинската управа апелираат дека увозот на ботокс е строго регулиран и подлежи на посебни дозволи од надлежни институции.
„Секој обид за криминал ќе биде најстрого санкциониран“, порачуваат од институцијата, нагласувајќи дека ќе продолжи нулта толеранција кон вакви случаи.

