Конечно се воспоставува регионален систем за управување со отпад во државата, изјави денеска министерот за животна средина Мухамед Хоџа. Според министерот овој систем претставува долгорочно решение за дивите депонии и современо управување со отпадот.

„Веќе е обезбедена и испорачана значајна опрема за општините низ регионите – механизација и комунална опрема. Паралелно се подготвуваат тендерите за изградба на регионалните центри во Русино и во Новаци, додека во Свети Николе постапката е при крај. Истовремено, се подготвува и документација за изградба на трансфер станиците низ општините“,кажа Хоџа.

Осврнувајќи се на аерозагадувањето, министерот додаде дека еден од клучните чекори во борбата е усвојувањето на новиот Закон за контрола на индустриски емисии, со кој се воведуваат построги стандарди и поголема одговорност за индустрискиот сектор.

„Законот стапува на сила идната година, односно септември 2027 година, а во меѓувреме интензивно работиме на создавање услови за негова навремена и ефикасна имплементација. ​За почист воздух, инвестираме во замена на нееколошките системи за греење во јавните објекти. Истовремено, ги зголемивме и инспекциските надзори врз индустријата, затоа што превенцијата секогаш е клучна мерка“,рече Хоџа.

Тој вели дека во наредниот период негов главен фокус останува на регионален систем на отпад и на имплементацијата на дополнителните мерки за чист воздух. Тврди дека со ребалансот на буџетот се зголемуваат средствата за финансирање на капитални инфраструктурни проекти од областа на животната средина, меѓу кои и скопската пречистителна станица.