Преку игри, приказни и интерактивни содржини децата ќе го учат македонскиот јазик и кирилицата

Македонските деца кои живеат надвор од татковината отсега ќе можат полесно да го негуваат мајчиниот јазик преку „Домче“ – дигитална платформа создадена со цел да ги поврзе најмладите генерации од дијаспората со македонскиот јазик, култура и традиција.

Од денеска „Домче“ е достапно и како мобилна апликација што може да се преземе преку „Ап-стор (App Store)“ и „Гугл плеј (Google Play)“, додека веб-верзијата беше пуштена во употреба на 5 мај 2026 година, на Денот на македонскиот јазик.

„Само неколку минути дневно се доволни детето да слуша македонски, да игра, да се смее и да ја открива Македонија на забавен и современ начин. Првите зборови што детето ги учи се ‘мама’ и ‘тато’, а содржините во апликацијата се приспособени на возраста и јазичното ниво на секое дете – без разлика дали само го разбира македонскиот јазик, почнува да го говори или веќе го зборува течно. Наместо класичен пристап кон учењето, ‘Домче’ нуди игри, приказни, гатанки, брзозборки, сложувалки и интерактивни активности преку кои децата природно ги усвојуваат македонскиот јазик и кирилицата. Но, ‘Домче’ е повеќе од апликација за учење јазик. Преку внимателно создадени содржини, децата се запознаваат со македонската култура, традиции и знаменитости, градејќи врска со своите корени и со земјата од којашто потекнуваат“, се наведува во соопштението на креаторите на платформата.

Целта е јазикот да се учи со желба, а не по обврска

Проектот е наменет за македонските деца во иселеништвото и има задача да им овозможи полесно да останат поврзани со јазикот и националното наследство преку содржини прилагодени на нивната возраст и ниво на познавање на македонскиот јазик.

Создавачите на апликацијата посочуваат дека идејата е секое македонско дете во дијаспората да има лесен пристап до платформата и да ја користи од сопствен интерес и љубопитност.

Пораката што ја испраќа „Домче“ е дека секое македонско дете, без разлика во која земја живее, треба да има можност да го негува мајчиниот јазик и да комуницира со своите најблиски на македонски јазик.