Поддршка за модернизација на полицијата
Министерството за внатрешни работи денеска прими донација од Сојузна Република Германија во вредност од околу 600.000 евра, наменета за унапредување на безбедносните капацитети и модернизација на полициските служби.
Донацијата беше врачена во присуство на амбасадорката Петра Дрекслер, а министерот Панче Тошковски информираше дека станува збор за значајна поддршка која ќе придонесе за поефикасно функционирање на институцијата.
„Денеска во Министерството за внатрешни работи ја примивме вредната донација од Сојузна Република Германија, во присуство на амбасадорката Петра Дрекслер, со што уште еднаш се потврди силното партнерство и меѓусебната доверба меѓу нашите две земји.“
Според него, донацијата опфаќа моторни и специјални возила, термовизиски камери, компјутери и софтвери, како и уреди за проверка на документи.
„Станува збор за опрема во вредност од околу 600.000 евра – моторни и специјални возила, термовизиски камери, компјутери и софтвери, уреди за проверка на документи, која директно ќе придонесе за поефикасна заштита на границите, поуспешна борба против организираниот криминал, трговијата со луѓе и криумчарењето мигранти, како и за унапредување на форензичките капацитети.“
Тошковски нагласи дека поддршката има и пошироко значење од самата материјална вредност.
„Но, уште поважна од опремата е пораката што ја носи оваа поддршка, дека Германија стои рамо до рамо со Македонија во обезбедувањето сигурност и стабилност за нашите граѓани. Преку заедничките обуки и размената на искуства градиме модерна, професионална и европска полиција.“
Тој упати благодарност за континуираната соработка и најави продолжување на партнерството.
„Искрена благодарност до Сојузната полиција на Германија и до Амбасадата на Германија за континуираната поддршка. Продолжуваме заедно да ја јакнеме безбедноста и институциите на нашата држава.“
