Компанијата ЗЕГИН и Тетовскиот универзитет официјално потпишаа Меморандум за соработка, со кој воспоставуваат долгорочно партнерство за унапредување на практичната настава, научно-истражувачката дејност и поддршка на сегашните и идните генерации студенти.

Во рамки на соработката, ЗЕГИН донираше спектрофотометар од најнова генерација, наменет за едукативни и лабораториски цели. Современата опрема ќе им овозможи на студентите и наставниот кадар да изведуваат прецизни анализи и експериментални вежби.

Со Меморандумот, двете институции се обврзуваат на заедничка работа во неколку области, меѓу кои унапредување на практичната настава преку студентски пракси, стручни посети, учество во реални проекти и можности за вработување во ЗЕГИН по завршувањето на студиите.

Предвидена е и размена на знаења и искуства преку заеднички работилници, гостински предавања на експерти од индустријата и научни трибини, како и поддршка на истражувачките капацитети преку модернизација на лабораториските услови и поттикнување на студентските иновации.

Од компанијата велат дека со донацијата и потпишувањето на Меморандумот сакаат да им овозможат на студентите пристап до современа опрема и знаења што ќе им помогнат полесно да ја поврзат теоријата со практичната работа.

„Науката и технологијата се движат напред со неверојатна брзина. За да можеме да создаваме кадри кои не само што ќе ги следат светските трендови, туку и ќе ги предводат, неопходно е теоретското знаење да биде поткрепено со современа практична настава и врвна лабораториска опрема. Со оваа донација и со потпишувањето на Меморандумот сакаме на студентите од Тетово да им овозможиме пристап до современа опрема со која теоретското знаење полесно ќе го преточат во практични вештини, подготвувајќи ги за реалните предизвици на новото време и пазарот на трудот“, изјави Механџиска.

Од Тетовскиот универзитет, ректорот проф. д-р Куштрим Ахмети изрази благодарност за општествено одговорниот потег на компанијата. Тој посочи дека новиот спектрофотометар значително ќе го подобри квалитетот на лабораториските вежби и ќе им отвори нови можности на студентите за истражувачка работа.

Со оваа соработка, ЗЕГИН ја потврдува својата определба за поддршка на локалната заедница, академската средина и развојот на млади професионалци во земјата.