Мора да има дополнителна работа на лекарите вработени во јавното здравство, меѓутоа не вака хаотична, анархична и со многу можности за злоупотреби. Ова денеска го истакна министерот за здравство Сашо Клековски.

Во 2023 година по иницијатива на група пратеници максимално беше либерализирана дополнителната работа на докторите вработени во јавните здравствени установи, потсети министерот.

„Неколку пати го имам кажано ставот – дополнителната работа од јавно здравство, во јавно здравство ни е основно обезбедување здравствени услуги во многу болници надвор од Скопје и таа е неопходна, меѓутоа мораме да ги преиспитаме условите, набљудувањето и контролата, за да се спречат злоупотребите. Во повеќе случаи на кои работиме воопшто нема договори за дополнителна работа, туку тука ќе кажам на диво лекарите работат во приватни здравствени установи во кои воопшто не се регистрирани како даватели на здравствени услуги, односно тоа го прават без знаење на матичните здравствени установи. Жестоко ќе се залагаме тоа да се спречи. Дополнителната работа треба, меѓутоа таа мора да е уредена, регулирана и во согласност со законите“, рече Клековски.