Во државава досега се вакцинирани вкупно 774.422 граѓани. Согласно вчерашните податоци регистрирани се нови 554 случаи на Ковид-19 од направени 4.072 тестирања. Оздравени се 891 пациенти, а пријавени се 17 починати лица.
Вкупната бројка на Ковид-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 187.622 бројката на оздравени пациенти е 168.700, на починати е 6.489, а бројот на активни случаи изнесува 12.433.
Во периодот од 13 до 19 септември годинава тестирани се вкупно 28.972 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, со намалување од 15,2 проценти во однос на минатата недела, се вели во неделниот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ). Регистрирани сe 3.340 нови позитивни случаи од 32 градa во државата, за 3,7 посто помалку од минатата недела.
Процентот на позитивност се движи од 7,8 отсто до 14,3 проценти, просечно 11,4 посто. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (n=1.669; 50,0%), a највисока инциденца е регистрирана во Кавадарци – 280,8/100.000.
Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 години (n=979, 29,3%). Најмал број е регистриран кај возрасната група од 0-9 години (n=143; 4,3%).
– Во однос на претходната недела, се забележува намалување на заболените лица кај сите возрасни групи, освен кај возрасните групи од 0-9 каде што има зголемување за 50,5 посто и кај возрасната група од 10-19 каде што има зголемување за 8,2 проценти, се наведува во извештајот на ИЈЗ.
Како што соопшти вчера Министерството за здравство, вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата, а во тек е и теренска вакцинација. На вакциналните пунктови во државата и на терен, заклучно со вчера вакцинирани се вкупно 774.422 граѓани. Прва доза вакцина вчера примиле 2.955 граѓани, а вчера вкупно се вакцинирале 12.062 граѓани. Во државата вкупно се аплицирани 1.465.229 дози вакцини, а ревакцинирани се 690.806 граѓани.
Со последните бројки, како што се посочува, 55 отсто од населението над 40 години имаат примено една доза вакцина и 31 отсто од населението над 18 до 39 години е вакцинирано со една доза вакцина.
Граѓаните без закажан термин се вакцинираат, во постоечките вакцинални пунктовите низ државата. Децата од 12 до 18 годишна возраст се вакцинираат со согласност од родител. Вакцините се безбедни и ефикасни и се единствениот начин да се победи пандемијата. Само со комплетна вакцинација се спречува тешка форма на болеста се намалува шансата од заболување, како и смртен исход од истата, стои во соопштението на МЗ.