Новата учебна година во Турција почна денеска со засилени безбедносни мерки во училиштата низ целата земја. Мерките беа воведени по пукањето во Кахраманмараш во април, кога ученик застрела и уби десет лица.

Во големите градови Анкара и Истанбул денеска околу училишните објекти биле распоредени дронови и хеликоптери. Полициската единица задолжена за криминал поврзан со млади и дрога спровела и проверки, објави турската државна агенција „Анадолија“.

Министерот за правда Акин Ѓурлек на социјалната мрежа „Икс“ соопшти дека националната операција „Безбедни улици“ е насочена против криминалните организации што ја загрозуваат иднината на децата.

Дополнителни мерки за зголемување на безбедноста во училишните објекти воведе и турското Министерство за внатрешни работи.

Министерот за внатрешни работи Мустафа Чифтчи изјави дека низ целата земја ќе бидат распоредени 31.000 надзорници на училишните простори. Нивната задача ќе биде да ја обезбедуваат сигурноста на училишните игралишта, додека за контрола на училишните влезови се набавени рачни детектори за метал.

Засилените безбедносни мерки беа најавени откако ученик во април изврши вооружен напад во градот Кахраманмараш, при што застрела и уби десет лица.

Министерството за правда најави и мерки против новоформираните банди, особено оние поврзани со организираниот шверц на дрога, почнувајќи од уличните дилери до поголемите наркосиндикати.

Критики за пристапот на властите упати синдикатот на просветните работници „Еѓитим-Сен“. Синдикатот претходно годинава побара училиштата да станат побезбедни преку демократско учество, образовни врски и социјална поддршка, наместо со вакви безбедносни мерки.