Премиерот Христијан Мицкоски денеска во својот говор по повод 35-години независна Македонија упати порака дека најважната лекција треба да биде дека државата нема луѓе за делење и дека без оглед на разликите, убедувањата, верувањата Македонија треба да биде над се.
-По 35 години независност, можеби најважната лекција што треба да ја научиме е дека државата нема луѓе за делење. Премалку сме за да се делиме, а предолго сме се делеле за да не разбереме колку скапо нè чинат поделбите. Не мора сите да мислиме исто. Не мора да припаѓаме на иста политичка партија, да имаме исти убедувања или ист поглед за секое прашање. Демократијата значи да се разликуваме. Но државата значи да знаеме што е она што е поголемо од нашите разлики, а Македонија мора да биде поголема од сите наши разлики. Јас верувам во концептот Македонија на сите луѓе. Верувам во татковина во која државата не прашува кој си, од каде доаѓаш, на кој јазик зборуваш, на кој Бог му се молиш или за кого гласаш, туку што можеме заедно да направиме за земјата во која живееме – нагласи Мицкоски.
Тој истакна дека ова подразбира држава во која Македонците, Албанците, Турците, Ромите, Србите, Власите, Бошњаците и сите наши сограѓани имаат заеднички интерес таа да биде успешна, држава во која различностите не се причина за поделби, туку дел од нашиот заеднички дом.
-Тоа значи татковина и на оној што живее во Скопје и на оној што живее во најмалото село. Држава на работникот и земјоделецот, на лекарот и наставникот, на студентот и пензионерот, на претприемачот и уметникот. Држава на оние што останале овде, но и на оние што заминале и сè уште ја носат татковината во себе. Татковина на оние што гласаат за власта и на оние што гласаат за опозицијата. На оние што се согласуваат со мене, но и на оние што никогаш нема да се согласат со мене. Затоа што улогата на еден премиер не е да биде премиер само на оние што гласале за него. Владата не смее да биде влада само на една партија, ниту институциите да бидат сопственост на која било политичка структура. Тие му припаѓаат на народот. Тоа за мене е суштината на Македонија на сите луѓе. Зашто власта поминува. Функциите поминуваат. Партиските победи и порази поминуваат, татковината е таа што мора да остане – истакна премиерот.
Тој потренцира дека нема да бара од оние што не се согласуваат со него да почнат да мислат како него мене, туку ќе бара нешто многу поважно – кога станува збор за државата, да најдеме сила да застанеме еден до друг.
-И затоа денеска од оваа говорница ги повикувам сите оние нестомисленици да продолжиме и понатаму да дебатираме по темите по кои имаме разлики, но да се обединиме околу една работа да застенеме цврсто да ги браниме државните интереси на нашата заедничка татковина. Да ја браниме државата, која е ќе биде на сите луѓе, но тоа да биде само како политички концепт, туку треба да биде наш општествен договор. Ветување едни кон други дека никој нема да биде помалку важен затоа што е различен, дека никој нема да биде оставен зад нас и дека државата ќе биде доволно голема за сите нејзини граѓани. Да им оставиме држава во која нема да наследат стари омрази, туку нови можности – рече Мицкоски.
Во својот говор тој се осврна и на процесот на носење одлуки, нагласувајќи дека карактерот на еден човек е неговото воспитување, неговата личност, а личноста на човекот ја гради средината во која опстојува.
-Мене поважно од славата, моќта и власта ми е да не ги погрешам ниту ги посрамотам моите родители и семејство и да не оставам дамка за моите деца и на крај да не ги разочарам граѓаните на мојата татковина, државата, која мене и на моето семејство ни дала се и нема цена по која ќе донесам одлука со која ќе ја посрамотам и разочарам. Верувајте секоја одлука која ја носам, ја носам со длабока увереност дека мораме да направиме повеќе за државата и да ја вратиме татковината на нашиот народ. И колку и да изгледа клише јас ќе ви кажам дека за мене е повеќе од извонредна чест да се работи за народот. И да го живееме заедно сонот на многумина генерации претходно – порача Мицкоски.
Тој додаде дека државата и нејзините институции почиваат врз нашата борба за слобода, врз идеите на грамадни имиња и животи, врз непокорот на Гоце Делчев, врз жртвата на Гули, мудроста на Карев, долгата борба на Ѓорче Петров, Сандански, идеите и организираноста на Александров, борбеноста на Шатев, визионерството на Методија Андонов Ченто, Петре Пирузе, храброста на Ибе Паликуќа, принципите и стратегијата на Михајло Апостолски.
-Врз тие темели е градена нашата татковина. И врз тие темели работеше првиот претседател на независната македонска држава Глигоров и првиот премиер Никола Кљусев. Под тоа знаме заврши и животот на Борис Трајковски. Сакам да ви кажам дека можеме да набројуваме имиња и имиња, настани и настани во оваа низа. И времето ќе биде недоволно, но поважно од дебатата на опозицијата чиј е Глигоров е нашата порака дека за сите има место и почит под ова небо и знаме. И не постои ваша и наша татковина, ваш и наш премиер, ваша и наша влада, ваша и наша историја. Има само една татковина, еден сон, една борба. Една идеја. Само една и единствена Македонија. И премалку сме да се делиме – порача премиерот.
Тој истакна дека низ историја имало многу периоди во кои било полесно да се верува дека татковината нема да успее отколку дека ќе успее, имало империи кои исчезнале, војни кои ги менувале границите, режими кои мислеле дека ќе траат засекогаш, времиња кога нашиот јазик бил потиснуван и времиња кога самата идеја за македонска државност изгледала недостижна.
-Но нешто останало. Останал зборот. Останал коренот, приказната. Останал пирејот. И останал оној непокорен дел од нашиот карактер кој, секогаш кога некој ќе помисли дека татковината веќе нема сила да стане, повторно ја крева на нозе. Тоа е нашето наследство. Но нашето наследство не е изговор да живееме само од минатото. Најголемата чест што можеме да им ја укажеме на оние пред нас не е бескрајно да зборуваме за нивните дела. Туку да создадеме свои – рече Мицкоски.
Премиерот исакна дека Мисирков, Рацин, Конески, Анте Поповски, Петре М. Андреевски ја напишале својата, истото го сторила и генерацијата на независноста, а сега е ред на нас.
-Да напишеме страница која нема да биде страница на поделби, малодушност и пропуштени можности, туку страница на работа, обновување, достоинство и успех. Да напишеме време во кое македонскиот народ и граѓани повторно ќе научи да верува во сопствените способности. Да изградиме држава што ќе биде посилна од секоја партија, поголема од секој поединец и поважна од секоја функција. Затоа што сите ние сме минливи. Владите се минливи. Претседателите се минливи. Премиерите се минливи. Татковината останува – рече Мицкоски.
Тој упати порака до секој еден граѓанин да верува во тактовината, не затоа што е совршена, туку затоа што е наша и затоа што можеме да ја направиме подобра.
-До секој наш човек, до секој човек што утрово станал рано за да оди на работа, земјоделец што ја обработува својата земја, лекар кој спасува живот, наставник кој предава знаење, полицаец и војник кој ја чува државата, претприемач кој ризикува за да создаде ново работно место, млад човек кој се прашува дали неговата иднина може да биде овде, до секој наш човек во Европа, Америка, Канада, Австралија и насекаде во светот, сакам денес да испратам една едноставна порака – Верувајте во вашата тактовина. Не затоа што е совршена. Туку затоа што е наша и затоа што можеме да ја направиме подобра. Не затоа што немаме проблеми. Туку затоа што имаме сила да ги решиме. Не затоа што историјата ни ветила победа. Туку затоа што ние сме подготвени да ја заслужиме – рече Мицкоски.
