На избори се добива мандат – не тапија на татковината. Ниту една партија, власт или генерација не е сопственик на Македонија. Ние сме нејзини привремени чувари меѓу оние што ја сонувале и оние што ќе ја наследат – порача Раде Силјан во словото по повод примањето на Орденот „8 Септември“, на свеченоста по повод 35-годишнината од независноста на Македонија.
Во обраќањето, Силјан ја постави самостојноста како историски избор, а слободата како трајна јавна обврска.
– Самостојноста и независноста имаат датум. Слободата има секојдневје. Совеста е нејзината мера – рече тој, нагласувајќи дека суверенитетот не е само право да одлучуваме сами, туку и зрелост да владееме со себе.
– Патриотизмот не се мери со гласноста на говорите, туку со тишината во која совеста ја проверува секоја одлука. Се докажува со правда што не се продава, знаење што не се казнува и труд што не се понижува – порача Силјан.
Со овие зборови тој постави јасна мерка за секоја власт, партија и генерација на која граѓаните ѝ доверуваат јавен мандат.
Силјан нагласи дека Македонија е „заеднички дом на сите свои граѓани – дом во кој никој не мора да се откаже од себе за да биде дома“. Тој порача македонскиот јазик да се чува без негирање на другите јазици.
Посебна порака упати и за односите со соседите и европската иднина на државата:
„Со соседите да разговараме без омраза и без самозаборав, а кон Европа да одиме со отворена книга, но без избришани страници. Помирувањето не бара заборав, а рамноправноста не бара самооткажување.“
Според него, најтешкото прашање, денес не е што другите мислат за нашето минато, туку дали нашите деца гледаат иднина овде.
– Држава од која заминуваат децата останува без идно време – рече тој, додавајќи дека на поколенијата што доаѓаат не им должиме само историја со која ќе се гордеат, туку и сегашност од која нема да мораат да заминат и иднина што ќе сакаат да ја живеат тука.
Орденот, рече Силјан, се носи на градите. Слободата се носи како одговорност.
