Македонија првпат добива јасна законска рамка за изградба на дата-центри, со што се отвора можност за државни и приватни инвестиции во оваа област. Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски смета дека земјава треба сериозно да размислува за сопствен државен дата-центар, преку кој институциите подобро би ги заштитувале своите податоци и информатички системи од сајбер напади.

Со измените на законите за урбанистичко планирање и градење е создадена правна основа за реализација на вакви проекти, област која досега, според Николоски, била оставена во сива зона. Тој посочи дека засега нема конкретен приватен инвеститор заинтересиран за изградба на дата-центар, но очекува интерес во наредниот период, при што инвестицијата би можела да биде и државна и приватна.

„Досега оваа област беше во сива зона – ниту беше забранета, ниту беше дозволена. Затоа беше важно да создадеме правила и да бидеме во чекор со светските трендови“, изјави Николоски.

Како пример за потребата од посилна заштита на државните информатички системи, Николоски го посочи хакерскиот напад врз Фондот за здравствено осигурување во февруари 2023 година. Нападот предизвика колапс на системот, доцнење на исплатата на платите на вработените во болниците, проблеми за матичните лекари и доцнење на исплатите за боледување на граѓаните.

„Безбедноста денес не е само во војската и во полицијата. Подеднакво е важно да ги заштитиме и државните податоци и информатичките системи“, рече Николоски.

Доколку се гради државен дата-центар, локацијата и инвестицијата би ги обезбедила државата, додека во случај на приватен проект, инвеститорот би го презел целиот товар, од купување земјиште до изградба на објектот. Според Николоски, најлогично е проектот да го води Министерството за дигитализација, наместо институциите поединечно да користат услуги од странски компании.

„Мислам дека е паметно за Македонија во иднина да се размислува за државна инвестиција што ќе ги заштити државните институции. Од безбедносни причини, сметам дека за нашата држава е паметно да имаме систем што целосно ќе го контролираме“, истакна министерот.