Демократската унија за интеграција најави дека во сабота во Тетово ќе се одржи граѓански марш за заштита на Охридскиот рамковен договор, уставниот поредок и правната сигурност во државата.

Марш за уставниот поредок и правната сигурност

Од ДУИ соопштија дека Тетово ќе биде местото каде што, како што наведуваат, илјадници граѓани ќе се соберат на мирен и достоинствен протест.

Според партијата, целта на маршот е да се испрати порака за одбрана на уставниот поредок, правната сигурност и вредностите кои, како што велат, веќе 25 години обезбедуваат мир, стабилност и добри меѓуетнички односи во Македонија.

Повод е одлуката на Уставниот суд

Како повод за протестот од ДУИ ја наведуваат одлуката на Уставниот суд за именувањето на улиците во Тетово.

Од партијата оценуваат дека незадоволството е пошироко, бидејќи, според нив, постои загриженост поради постепено намалување на правата и механизмите што произлегуваат од Охридскиот рамковен договор.

ДУИ потсетува дека Советот на Општина Тетово ја донел одлуката за именување на улиците со потребното двојно мнозинство и дека таа била доставена до Владата, која, како што тврдат, не се произнела во законскиот рок.

Според партијата, поради тоа одлуката продолжила да важи и била дел од правниот поредок две децении.

Повик до граѓаните за мирен протест

Од ДУИ велат дека одлуката на Уставниот суд отвора прашања за правната сигурност и за идното третирање на прашањата поврзани со Охридскиот рамковен договор.

Партијата потсетува и дека во наредниот период Уставниот суд ќе одлучува за Законот за употреба на јазиците, поради што, според нив, граѓаните имаат право да бараат одлуките да се носат во согласност со Уставот, Охридскиот рамковен договор и принципот на правна сигурност.

ДУИ ги повика граѓаните да се приклучат на саботниот марш, кој го најавува како мирен и достоинствен повик до институциите за почитување на Уставот и зачувување на Охридскиот рамковен договор.