Артан Груби стана симбол на падот на ДУИ, а бегалецот од правдата во Македонија можеби е клучната причина за политичкиот колапс на партијата. Вилата во Драч би можела да биде најголемиот удар за Али Ахмети, кој сега се обидува преку ребрендирање и внатрепартиски ветинг да го спаси она што може да се спаси.
Политички крах поради Груби
ДУИ, некогаш најмоќната албанска партија во Македонија, сега е принудена да прави повторно ребрендирање. Според аналитичарот Агим Јонуз, партијата претрпе огромна штета од Артан Груби, но тоа не значи дека само тој е одговорен.
“ДУИ се обиде да се ребрендира, отиде во опозиција, а мене ми е жал бидејќи познавам одлични луѓе во партијата. Но, исто така, ми е жал што дојдоа до точка каде што мораат пет пати да се ребрендираат и да создаваат нови стратегии. Претрпеа огромна штета со Артан Груби, но и птиците на гранка знаат дека не може еден човек да биде единствениот виновник,” изјави Јонуз.
Најавен ветинг – реална чистка или фарса?
По заминувањето во опозиција и скандалите, ДУИ најавува ветинг за да ги открие криминалните структури во партијата. Но, многумина се скептични дека тоа ќе донесе вистинска промена.
“Ветингот кој не е правен, конституционален, со конкретни последици и казни, не е ветинг. Дури е несериозно да се каже дека ќе има ветинг во партијата само затоа што некој сака да покаже чесност. Внатрепартиските процеси се како анкета – немаат никакво правно дејство,” вели Јонуз.
Тој додава дека не е доволно да се жртвува еден човек за да се решат проблемите во ДУИ.
“Ако сакаме вистинска промена, мора да се расчисти целата трула структура што сè уште постои во ДУИ,” потенцира тој.
Од воинствени закани до дефанзива
ДУИ, која некогаш доминираше на политичката сцена, сега е во целосна дефанзива. Наместо најавуваните протести и дестабилизација, партијата организира панел-дискусии, видео-обраќања и прес-конференции.
Од закани за немири и нестабилност, преку обраќање на Ахмети за изборите во Косово, до изјави на Талат Џафери за дискриминацијата на Албанците во државната администрација – ДУИ очајно бара начин да остане релевантна во новата политичка реалност.
Извор: алфа