Повеќе од 20 илјади работници, повеќето од нив нововработени кои сè уште не работеле во производната линија, ја напуштиле фабриката за „ајфон“ на „Фокскон“ во кинескиот град Џенгџу.

Претставник на компанијата која е добавувач за „Ејпл“ истакна дека тоа ќе ги искомплицира плановите на „Фокскон“ до крајот на ноември целосно да го нормализира производствениот процес, по немирите што неодамна избувнаа меѓу вработените во кинескиот производствен комплекс. Управата на компанијата вчера понуди десет илјади јуани (1.396 долари) на вработените кои сакаа да се откажат и да ја напуштат фабриката.

Работничките немири во фабриката во Џенгџу што започнаа во средата ги одбележаа ретки сцени на отворени протести во Кина, поттикнати од тврдењата за одложени исплати и фрустрација поради строгите ограничувања за Ковид-19.

Друг извор на „Фокскон“ запознаен со прашањето рече дека некои нововработени лица го напуштиле производствениот кампус во Џенгџу, но не појасни колку работници заминале. Според него, тековното производство не е засегнато од заминувањата, бидејќи се работи за нов персонал што се уште не ја има поминато неопходната обука за работен ангажман во производствениот процес.

Немирите се случија во мигови кога во Кина е забелеажн пораст инфицирани од Ковид-19, а кинеските локални власти воведоа строги карантински мерки што предизвикаа фрустрации кај населението.