Како што информира МВР, прво и второпријавените на 28.10.2015, како основачи и сопственици на правното лице, донеле одлука за задолжување на друштвото со рамковен револвинг кредит од банка, кој го склучила Н.Ц., како управител.

-Врз основа на рамковниот револвинг кредит, на 31.10.2017 прво и второпријавените ја искористиле можноста за прекумерно задолжување и склучиле договор за краткорочен револвинг кредит на износ од 30.900.000 денари. Во наредните четири месеци вршени се исплати по договори за краткорочни денарски и девизни кредити во вкупен износ од 696.000 евра, кои не ги употребиле за нови инвестиции, туку за лична потрошувачка. Со преземање на несразмерни обврски ги повредиле своите должности при управувањето со имотот со што предизвикале стечај на правното лице од Битола, соопшти МВР.

Трето и четвртопријавените, се додава во соопштението, од банката пропуштиле навремена контрола на кредитниот должник и на наменската употреба на средствата, а на барање на правното лице била донесена одлука со која депонираните девизни депозити биле ослободени и заменети со меница и три бланко потпишани налози за пренос, со што ја оштетиле банката за 500.000 евра.