На прашање, дали се сретнал со координаторите од опозицијата, Џафери вели дека нема што да разговара за ултиматуми, посочувајќи на понудата од Мицкоски да се свика седница со само четири точки, кои се однесуваат на кризната состојба на јужната и на северната граница и на антикризните мерки од петтиот пакет.
Спикерот вели дека лидерот на ВМРО – ДПМНЕ Христијан Мицкоски го дал истиот ултимативен предлог како и координаторот Никола Мицевски во понеделникот, кога тој ги одложи на неодредено време пленарните седници, додека мнозинството не обезбеди кворум.
Во врска со иницијативата што ја спомена Заев за прогласување вонредна состојба, Џафери рече дека за тоа постои соодветна процедура, ама нагласи дека сега не е иста ситуацијата како во 2020 година, кога Собранието беше распуштено, па вонредна состојба прогласи претседателот Стево Пендаровски.
– Парламентарното мнозинство нема двотретинско мнозинство, ама парламентот има 120 пратеници и може да се состане. Од тој аспект не знам зошто би размислувале за вонредна состојба, рече Џафери на денешниот брифинг, истакнувајќи дека во ваква ситуација, Собранието не може да биде прескокнато.