Младиот насилник од светиниколското село Сарамзалино, кој брутално ја претепа својата 34-годишна девојка и ја држеше заклучена во соба 15 часа, е осуден на една година затвор за семејно насилство.
Основниот суд во Свети Николе го прогласи за виновен за две кривични дела – телесна повреда и противправно лишување од слобода. Обвинетиот останува во притвор до правосилноста на пресудата, но не подолго од 60 дена.
„Постапувајќи по обвинителниот предлог поднесен од ОЈО Свети Николе, Основен суд Свети Николе донесе неправосилна пресуда со која Р.А. е прогласен за виновен за едно кривично дело Телесна повреда и за Противправно лишување од слобода и е осуден на единствена затворска казна една година затвор“, соопшти Основниот суд Свети Николе.
Според обвинението, настанот се случил на 19 и на 20 февруари во семејниот дом во Свети Николе, кога 21-годишниот насилник ја нападнал бремената партнерка, ѝ ги одзел телефонот и клучевите од автомобилот и ја заклучил во просторија каде ја држел околу 15 часа. Во текот на нападот ѝ нанел повеќе телесни повреди, а откако таа се онесвестила, ја разбудил со студена вода и продолжил со физичкото малтретирање.
