Ниту еден наставник со договор на неопределено време не останал без работа по спојувањето на околу 450 паралелки во основното и средното образование, изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска во гостувањето на 4ТВ. Таа посочи дека вишокот кадар треба да се апсорбира преку воведувањето целодневен престој за учениците во училиштата низ целата држава.
Планот, според Јаневска, е учениците да престојуваат во училиштето од 8 до 16:30 часот. Освен редовната настава, во тој период би имале слободни и интерактивни активности, секции, како и можност да ги изработуваат домашните задачи.
– Престојот во училиште не значи само учење. Таму децата ќе можат да изучуваат странски јазици, балет или спорт, а кога ќе си заминат дома, нема да имаат дополнителни обврски или тешки ранци, туку ќе можат целосно да му се посветат на семејството. Светските истражувања јасно покажуваат дека децата кои минуваат повеќе време во училишна средина постигнуваат значително подобри резултати – објасни министерката.
Кога станува збор за условите за воведување на едносменската настава, Јаневска рече дека повеќе од половина од училиштата во земјава веќе работат во една смена. Таа прецизираше дека станува збор за 583 основни и 37 средни училишта. Најголем предизвик, според министерката, останува Скопје поради постојаните миграции, но Министерството веќе работи на доградба на нови училници и проширување на постојните капацитети.
Јаневска нагласи и дека реформите во образованието бараат континуитет, наместо чести промени на политиките со секоја нова политичка гарнитура. Според неа, само со подолгорочен пристап може да се следи една целосна генерација ученици и реално да се проценат ефектите од спроведените реформи.
