Врвен експерт од Србија доаѓа во ГАК. Ангажирана е д-р Снежана Расовац, специјалист педијатар-неонатолог со потесна специјалност пулмологија, од Белград, Република Србија, како врвен експерт во областа на неонатологијата и интензивната нега на новороденчиња, објави ГАК на социјалите медиуми.
Во рамките на нејзиниот престој на Клиниката, д-р Расовац ќе реализира шестмесечна континуирана едукација наменета за лекарите и медицинските сестри од Одделот за интензивна нега и терапија. Едукативната програма е конципирана како сеопфатен и практично ориентиран процес, со цел унапредување на знаењата и вештините на здравствените работници и усогласување со современите светски принципи и протоколи во неонаталната интензивна медицина, велат од ГАК.
Програмата опфаќа механичка вентилација, lung ultrasound, ултразвучно водење при поставување венски линии, инотропна терапија, неонатална нутриција, транспорт на новороденчиња и усогласување со најновите стручни протоколи и светски стандарди бидејќи секое новороденче заслужува највисоки стандарди од првиот здив. Клиниката за гинекологија и акушерство продолжува да гради современ, едуциран и силен професионален тим – затоа што секое новороденче заслужува најдобра можна грижа од првиот момент, велат од ГАК.
