Денес, на Комисијата за труд и социјална политика, се наоѓа Законот за изменување и дополнување на Законот за работните односи, поднесен од група пратеници од парламентарното мнозинство. Се работи за низа измени кои според Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ се крајно проблематични и дискриминаторски, изјави денеска за медиумите, Дајанчо Ефтимов, пратеник на Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој истакна дека со измените се предвидува на судиите и јавните обвинители да им се овозможи работниот однос, односно мандатот да може да се продолжи од страна на Судскиот совети и Советот на јавни обвинители и после 64 години за мажи и 62 години за жени, до наполнување на 67 години возраст на судијата или јавниот обвинител.
– Со овие измени се отвора можност за класификација на судиите и јавните обвинители на подобни и неподобни, послушни и непослушни како и можност за уште поголема и подлабока партизација на судството во Република Македонија. Како дополнителен податок, според стандардите на Европската Унија, бројот на судии во однос на бројот на население во Македонија е голем. Дополнително, сите овие измени за судиите и јавните обвинители во овој закон, СДСМ се обидува да ги протне во сенка на измените кои се однесуваат на „недела неработен“ ден кои се дел од истиов предлог закон и каде се направени измени кои што ние како пратеници од ВМРО-ДПМНЕ посочувавме уште кога се носеше законот.
Овие позадински игри на СДСМ и ДУИ не се првпат и во овој случај кога функционира активната блокада од ВМРО-ДПМНЕ, измените кои се однесуваат за судиите и јавните обвинители се обидуваат да ги протнат преку измените за „недела неработен ден“, појасни Ефтимов.
Пратеникот потсети дека најавиле дека сите законски решенија кои што се штетни за граѓаните и државата ќе бидат блокирани од нивна страна и дека е таков и случајот со овој закон.
– Бараме, измените кои се однесуваат за судиите и јавните обвинители да бидат тргнати од овој предлог закон, со што ние како пратеничка група ќе дадеме допринес за измените кои се однесуваат за „недела неработен ден“, додаде Ефтимов.