Европската комисија работи на план што би им овозможил на земјите-кандидатки за членство во ЕУ пристап до одредени економски придобивки и пред формалниот влез во Унијата, изјавија неколку официјални претставници, објави денеска бриселскиот Политико.

Предлогот се заснова на концептот на „постепена интеграција“, според кој, земјите-кандидатки би добиле поголем пристап до програмите на ЕУ, финансирањето, трговските олеснувања и делови од единствениот пазар, во согласност со напредокот во спроведувањето на реформите.

За разлика од претходните идеи за „полесно членство“, кои наидоа на отпор во главните градови на земјите од ЕУ, овој модел нема да им дава политички права за членство пред целосниот влез, туку би се фокусирал на економски и функционални придобивки.