46 годишниот скопјанец Стефан Димковски е човекот кој го трнспортирал убиецот Љупчо Палевски од Србија, преку Бугарија во Турција – дознава Радио Лидер.

Како што дознаваме, Димковски е член на политичката партија на Палевски и негов близок соработник, во исто време, станува збор за бизнисмен и фамилијарен човек кој живее во Струмица каде има голема компанија за увоз на земјоделски репроматеријали.

Да биде иронијата поголема, пред само два дена, во неделата наутро во 10:45 Димковски на неговиот фејсбук профил, објавил фотографија од возење на која се гледа мост, веројатно во Турција. Евидентно е дека фотографијата е сликана од совозачкото седиште, на кое веројатно седел токму Палевски. Она што изненадува дека по прегледот на неговиот фејсбук профил, очигледно е дека тој не објавува често на социјалните мрежи, но во неделата ја објавил оваа фотографија.

Која е пораката која Палевски и Димковски сакале да ја испратат, останува нејасно. Она што е симптоматично е дека истата е објавена претпладнето пред во Македонија да се објави идентитетот на Палевски како осомничен за убиството.

На вечерашната прес-конференција, министерот Спасовски ги сподели информациите дека Палевски од лице од Македонија бил пренесен преку Бугарија во Турција. Тој кажа дека, тоа се случило откако од Скопје, неговиот адвокат го однел Палевски во Белград, каде преноќил во Хотел.

-Од таму наредниот ден го презема исто така друго лице од Скопје со џип Ренџ Ровер и преку граничниот премин градина влегува во Република Бугарија, има транспорт практично низ територијата на Република Бугарија и влегува во Турција. Во Турција оди во градот Бали Кесир и нашите служби од секторот за меѓународна полициска соработка стапуваат во контакт директно, не само со властите и полицијата туку и со еден нивен оперативен извор кој што за многу кратко време време врати дека се во Баликесир и и ни кажа за неговите намери. Дека од тука сака да замине во Истамбул, таму останува останува во Баликесир, се подготвува и со такси возач најмува за да оди во Истанбул и тука е практично симулирањето дека ќе оди и повторно се враќа во градот и подоцна попладнево од страна на колегите во турската полиција е уапсен додека се движел пешки по еден од автопатите во Баликесир. – изјави Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на прес конференцијата доцна вечерва

Министерот објави дека лицето кое го транспортирало Палевски е уапсено од турската полиција и исто така ќе биде екстрадирано во нашата земја.

Палевски се терети дека е главен организатор и егзектур на убиствата на 14 годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и 74 годишниот Панче Жежовски, заедно со уште четири лица.

Љ.З