За разлика од кај нас каде мака мачиме да воведеме каква-таква електронска наплата на патарината, во Словенија од пред некој ден започнаа да се издаваат електронски вињети.

Освен на истите продажни места како и досега, тие по иста цена ќе можат да се купат и преку интернет, а веќе набавените класични вињети ќе останат во употреба до истекот на нивната важност. Возачите и понатаму може да бираат неделна, месечна или годишна вињета, со таа разлика што годишната сега навистина ќе трае цела година почнувајќи од датумот на купувањето, а не до истекот на календарската година.

При купувањето преку интернет треба да се наведат регистрацијата на возилото и земјата каде тоа е регистрирано, како и и-мејл адреса на која треба да биде испратена потврдата за плаќањето. Цената на неделната вињета за автомобили изнесува 15 евра, на месечната 30 а на годишната 110 евра.

Поседувањето на вињетата која за Словенија е задолжителна не само за автопатиштата туку и за брзите магистрални патишта ќе се проверува електронски, со помош на камери кои ќе ја препознаваат регистрацијата на возилото и ќе проверуваат дали за него патарината е платена.