Културата во Македонија е накаде на дното и се поизвесно е дека секој момент може да падне во амбис. Емил Ниами, научник, славист, доктор по филолошки науки, смета дека луѓето почнуваат да се “заморуваат“ со политика затоа што не се задоволни од тоа што се случува во нивните животи од економски, социјален или морален аспект…
– ,,За жал, наместо уметниците, кај нас на сцена се политичарите, олигарсите, криминалците, шпекулантите и разно-разни типчиња со сомнителна заднина“.

За односот Скопје-Софија и преговорите “зад завесата“, Ниами вели дека преговарањето за македонскиот јазик и неговото постоење е одамна затворено прашање. Постоење на македонскиот јазик и неговата единственост се потврдени од страна на науката. Она што сега се случува од страна на Република Бугарија е чиста пропаганда и насилство што се врши не само врз македонскиот јазик и врз македонскиот народ, ами и врз науката, додава Ниами.

Лидер: Од оваа временска дистанца како ја оценувате културата и колку паѓа во сенка на политичките збиднувања кои „не му даваат мир“ на обичниот граѓанин и луѓето кои скаат да гледаат надвор од рамката?

-Веројатно е сосема засенета. Кога ќе дојдеме до стадиумот да се опседнеме со политика, тоа значи дека сме дошле до работ, без разлика дали е тој економски, дали е социјален, дали е морален… Луѓето, тука не се исклучувам себе, почнуваат да се „заморуваат“ со политика зашто не се задоволни од она што се случува во нивните животи. Ако имате немир во душата, ако желудникот ви е празен, ако сте дискриминирани, не ви е дојдено до култура. Културата е „производ“ што го консумирате кога работите ви се помалку или повеќе средени. Кај нас суперѕвезди се политичарите, олигарсите, криминалците, шпекулантите и разно-разни „типчиња“ со сомнителна заднина. Тука сме некаде, крај дното, културата е на работ на амбисот и многу е веројатно дека во секој момент може да падне во него.

Лидер: Дали и колку има доволно општствен простор за македонските уметници (писатели, актери, музичари…)? Многумина од нив се обидоа да „пливаат во политички води“ па дури и партиски се обоија. Зошто?

-Не знам зошто. Веројатно си имаат некоја своја сметка. Можеби им е потребна моќ, пари, можеби сметаат дека уметноста не ги задоволува… А, можеби и не се уметници. Знаете, кај нас многумина се претставуваат себеси како уметници, иако самите не знаат што е тоа уметност. Многу ми е криво што постојат неверојатни таленти во земјава, а кои не можат да се реализираат, кои не ги користат. Лично познавам многумина такви, но нивниот став дека нема да поддржат некоја политичка опција значи дека ќе бидат маргинализирани. Тажно е што токму тие ултраталентирани луѓе пропаѓаат поради вакви, слободно ќе кажам, глупости.

Лидер: Македонскиот јазик и идентитет е камен на сопнување во преговорите Скопје- Софија. Официјално и декларативно има напредок, но зад завесите има наговестувања дека се прават поразителни преговори. Која ја цената која ќе ја „платиме“ доколку овие клучни сегменти станат „пазар за поткусурување“? И дали од друга старна ние доволно си ја познаваме историјата, јазкиот, културата за да може да се „бориме“ како рамноправни противници?

-Искрено, многу тешко ми паѓаат вакви прашања зашто е апсурдно да се бранат какви било ставови. Постоењето на македонскиот јазик и на македонската нација е факт за кој не може да се дискутира, без разлика на желбата на определена група кои сакаат тоа да го сторат. Кога станува збор за македонскиот јазик мораме да истакнеме дека спорот за неговото постоење е одамна затворен. Неговото постоење и неговата единственост се потврдени од страна на науката. Фактот што македонскиот јазик поради историските околности е подоцна кодифициран не значи дека тој не постоел. Македонскиот јазик си има и свој историски пат за кој многу се пишувало во минатото и за кој сè уште се пишува. Сите овие нешта се одамна прифатени во светската наука, со оглед на тоа што за сите нешта поврзани со македонскиот јазик постои и научна поткрепа. Она што сега се случува од страна на Република Бугарија е чиста пропаганда и насилство што се врши не само врз македонскиот јазик и врз македонскиот народ, ами и врз науката. Ваквото „силување“ не може да биде сфатено никако поинаку отколку како желба за искривување на научните факти.

Дали си ги познаваме историјата, јазикот и културата? Можам да кажам дека мошне слабо ги познаваме. Веројатно тоа е зашто кај луѓето постојат други приоритети. Во извесен дел и нашата држава е виновна, со оглед на фактот што во определени периоди од нашата независност скршнуваше од патот, даваше поинаква слика за македонскиот јазик и за македонскиот народ, за неговата култура. Најеклатантен пример за тоа е проектот што беше наречен „Скопје 2014“ каде политичките елити се обидоа да ја „изромантизираат“ историјата, да направат некаков привид за некаква наднација, да бараат корени на македонскиот јазик онаму кадешто ги нема. Како и да е, сите овие настани треба да ги оставиме зад нас и да продолжиме да се движиме понатаму, а за тоа е потребно што повеќе да пласираме и да се запознаваме со научнодокажани факти кои во приемлива форма ќе им биде достапна на граѓаните.

Емил Ниами својата истражувачка дејност изминатите десет години ја насочува кон пополнување на празнините во македонската лексикографија. Вработен во Рускиот центар при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, и гласноговорник за предизвиците со кои денес се соочува славистиката во Македонија, но и во поширокиот контекст.