Контроверзите околу смртта на Џефри Епстин повторно излегоа на површина откако Лејди Викторија Херви, поранешна партнерка на принцот Ендрју, јавно ја оспори официјалната верзија дека осудениот сексуален престапник извршил самоубиство во затвор.
Во радио-интервју, Херви изјави дека според неа, Епстин не починал во 2019 година во затворот во Њујорк, туку бил тајно извлечен и префрлен надвор од САД. Таа оцени дека приказната за самоубиство е „неубедлива“ и дека постоеле сериозни пропусти кои оставаат простор за сомнеж.
– Искрено, не мислам дека Џефри Епстин е мртов – изјави Херви, тврдејќи дека бил подготвен план за негово бегство и дека телото во затворот било заменето.
Според нејзините тврдења, Епстин бил изнесен од затворскиот објект со возило и се сокрил во Израел. Иако не понуди конкретни докази, нејзините изјави брзо се проширија на социјалните мрежи и повторно ги разгореа долгогодишните теории на заговор.
Џефри Епстин беше пронајден мртов во својата ќелија во Метрополитен поправниот центар во Њујорк додека чекаше судење за трговија со луѓе и сексуална експлоатација на малолетници. Американските власти случајот го затворија како самоубиство, иако подоцна признаа сериозни пропусти во обезбедувањето.
Тогашниот државен обвинител Вилијам Бар ја опиша ситуацијата како „совршена бура од грешки“, а неколку затворски службеници беа дисциплински санкционирани. И покрај тоа, официјалната верзија никогаш не беше променета.
Дополнителни сомнежи со години поттикнуваат анонимни објави на интернет, вклучително и пост на форумот 4Chan, објавен пред официјалната потврда за смртта, во кој наводен затворски чувар тврдеше дека телата биле заменети. Херви вели дека и самата видела електронска преписка од т.н. досиеја на Епстин, која, според неа, укажува на внатрешен сведок.
Иако нејзините тврдења не се поткрепени со официјални докази, тие повторно го актуелизираа случајот што и по шест години останува симбол на недовербата во институциите и нерешените прашања околу мрежата на моќ и влијание што го опкружуваше Епстин.
