Ерменскиот парламент во март ќе го избере следниот претседател, изјави денеска премиерот Никол Пашинијан.
-Се надевам дека до изборите во март целосно ќе ги исполнувате должностите на министер за високо-технолошка индустрија и во овој период сите ќе работиме ефикасно, изјави Пашинијан за време на владината седница, обраќајќи му се на провладиниот претседателски кандидат, министерот за високо-технолошка индустрија Вахан Хачатуријан.
Премиерот додаде дека кандидатурата на Хачатуријан е поддржана од 65 пратеници, што го прави официјален претседателски кандидат.
Во моментов вршител на должноста претседател на државата е претседателот на парламентот, Ален Симонјан. Неговиот претходник, Армен Саркисјан, минатиот месец ја соопшти својата оставка по четири години на функцијата, поднесена поради неможноста да влијае на политичките одлуки во земјата.