Активноста на вулканот Етна на италијанскиот остров Сицилија доведе до целосен прекин на воздушниот сообраќај и затворање на меѓународниот аеродром „Катанија-Фонтанароса“. Обилната вулканска пепел и неповолните воздушни струења наложија суспензија на сите пристигнувања и заминувања, што погоди илјадници патници. Надлежните служби донесоа одлука затворањето да трае најмалку до полноќ, додека авиокомпаниите се обидуваат да организираат алтернативни решенија.
Компанијата „SAC“, која стопанисува со аеродромот во Катанија, првично предвидуваше нормализирање на сообраќајот до недела напладне. Сепак, мерката мораше да биде продолжена поради постојаното присуство на густа пепел во воздушниот простор околу вулканот. Од управата упатија итен апел до патниците да не пристигнуваат на терминалот без претходна проверка на статусот на нивниот лет кај матичните авиопревозници.
Ваквата состојба предизвика домино-ефект врз целиот островски воздушен сообраќај. Дел од авионите беа итно пренасочени кон аеродромите во Палермо, Комизо и Трапани, кои набрзо се соочија со огромен прилив на авиони и преоптовареност на капацитетите. Патниците се најдоа во незавидна положба обидувајќи се да обезбедат алтернативен копнен превоз или пренасочување на рутите.
Хаосот во воздушниот сообраќај предизвика и остри реакции поради наглото поскапување на билетите. Здружението „Acli Terra“ предупреди на драстичен раст на цените, посочувајќи дека поединечни билети на релацијата Верона–Палермо достигнале сума од дури 1.180 евра. Организацијата побара надлежните органи веднаш да реагираат против неоправданите ценовни скокови, нагласувајќи дека природната непогода не смее да претставува финансиски товар за семејствата.
На кризната ситуација реагираа и транспортните синдикати „Filt Cgil“, „Fit Cisl“ и „Uiltrasporti Sicilia“. Тие побараа од регионалните власти воспоставување на траен протокол и кризен план за ерупции на Етна, наместо секогаш да се носат времени одлуки. Според синдикалците, најголемиот товар и стрес паѓаат врз аеродромските работници, кои се под постојан притисок од илјадници незадоволни патници.
Италијанската управа за цивилно воздухопловство претходно предупреди дека присуството на вулканска пепел и ветерот претставуваат висока безбедносна закана. Сите операции на аеродромот остануваат суспендирани додека атмосферските услови не овозможат безбедно полетување и слетување.
