Европската унија се осврна на извештајот на мисијата на Обединетите Нации за насилството во Јужен Судан и побара итна и ефикасна истрага за насилството и убиствата, јави дописничката на МИА од Брисел.

Извештајот на заедничките тимови на Мисијата на ОН за Јужен Судан и Канцеларијата за човекови права се однесува на нападите врз цивили во јужната држава во Јужен Судан позната како “Unity State„.

Европската унија изрази длабока загриженост за непрекинатото насилство, вклучително и во овој дел на Јужен Суден и постојаното убивање на хуманитарните работници во земјата.

Според извештајот, во периодот меѓу февруари и мај оваа година се случиле систематски напади врз цивили, убиства, сексуално злоставување и употреба на силувањето како воено оружје. Се проценува дека се убиени над 170 цивили, а 44 илјади лица се раселени. ЕУ вели дека извештајот ги означува одговорните за насилството и потенцира дека не смее да останат неказнети.

-Ги повикуваме властите да спроведат независни и непристрасни истраги за сите наводи за нарушување на човековите права, злоставувања и прекршувања на меѓународното хуманитарно право, бара Европската унија.