Ограничувањата за патување беа воведени минатата година со цел да се спречи ширењето на пандемијата. Амбасадорите сметаат дека поголемиот дел од ограничувањата треба да се олеснат, вклучително и можноста за туристичко патување на државјани на земји надвор од ЕУ.
Портпаролот на Европската комисија, Кристијан Виганд сепак не прецизираше кога ќе се отворат повторно границите, затоа што земјите-членки се уште не ги одобриле мерките.
Предлогот предвидува да се олесни влезот за патници кои се вакцинирани со вакцина одобрена од ЕУ. Такви засега се вакцините на Фајзер, Модерна, АстраЗенека, и Џонсон и Џонсон. Но, земјите членки ќе имаат право да ја прошират листата и со вакцини одобрени од Светската здравствена организација, како руската Спутник V и кинеската Синофарм.