Австрија потврди дека ЕУ планира да дистрибуира 651.000 дози вакцини на „Фајзер“ и „Бионтек“ против коронавирус во шест земји од Западен Балкан од мај до август, од кои 36.000 се наменети за Србија.
Со оваа иницијатива покажавме дека не сакаме регионот на Западен Балкан да заостанува зад Европската Унија, рече австрискиот министер за надворешни работи Александар Шаленберг на прес-конференција, пренесува Ројтерс.
Австрискиот министер исто така рече дека вредноста на испораката е 11 милиони евра и дека вакцините ќе се плаќаат од фондовите за помош на ЕУ на земјите кандидати и потенцијалните кандидати за членство во Унијата.
Ова нема апсолутно никаква врска со обезбедувањето вакцини за Австрија или за другите земји на ЕУ, рече Шаленберг, чија влада се соочува со зголемено незадоволство во јавноста од бавното темпо на вакцинација.
Исто така, беше потврдено дека вакцините ќе бидат дистрибуирани од почетокот на мај и дека Босна и Херцеговина ќе добие 214.000 дози, а потоа следат Албанија со 145.000 и Македонија со 119.000 дози, додека пак за Србија се наменети 36.000 вакцини.
Ројтерс наведува дека Србија има една од највисоките стапки на вакцинација во Европа, но дека во четири други земји од поранешна Југославија и Албанија кои не се членки на ЕУ, имунизацијата е многу побавна и дека недостатокот на вакцини во Босна и Херцеговина предизвика улични протести од незадоволни граѓани.