Меѓу членките на ЕУ постои согласност дека треба да се помогне во изнаоѓање начин и решение за спорот меѓу Северна Македонија и Бугарија, бидејќи процесот на проширување се повеќе станува и безбедносно прашање, смета амбасадорката на Германија Анке Холштајн. Во Скопје умерен оптимизам за исчекор во процесот на пристапување во ЕУ за време на француското претседавање со ЕУ.

– Водечка улога во ЕУ во моментов има Франција, која што претседава со Европската Унија. Но, сите ние сме согласни во тоа дека треба да помогнеме да се најде начин и решение кое што ќе биде добро и за Северна Македонија и за Бугарија, нагласи Холштајн во одговор на новинарско прашање дали Германија има некаков план да помогне за решавање на спорот меѓу Скопје и Софија.

Според неа, политиката на проширување на ЕУ денес повеќе од кога било досега претставува и безбедносна политика, и овој факт кај сите треба да значи одговорност во моментите кога ќе треба да се носат одлуки.

Премиерот Димитар Ковачевски, кој заедно со Холштајн, вчера ја посетија германската компанија „Маркарт“ во велешко Долно Караслари, на прашањето дали е оптимист дека до јуни би можел да се реши спорот со Бугарија, рече дека е рационален оптимист, оти верува во остварување на одредена цел и работи таа цел да се оствари. Повтори и дека не се врзува за датуми, и дека нам ни треба брзо, но не и избрзано решение.

Во однос на изјавата на претседателот Стево Пендаровски дека е коректен ставот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски дека нема промена на Уставот, доколку не се добијат гаранција од Софија, рече дека таа изјава е речиси идентична со неговата.

– Изјавата на претседателот Пендаровски е практично идентична со мојата изјава дека со Република Бугарија треба да има сеопфатно решение кое што ќе ги затвори сите отворени прашања и ќе значи безусловно кревање на ветото што Бугарија го има ставено за отпочнување на првата меѓувладина конференција за Северна Македонија со ЕУ, рече Ковачевски.

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, во своето обраќање на меѓународната конференција „Стратешки текови 2022“ на тема Европа по претседателските избори во Франција, истакна дека очекуваме пробив во нашиот процес на пристапување во ЕУ за време на француското претседателство со ЕУ.

– Истовремено, тесно и интензивно работиме со нашиот сосед Бугарија за изнаоѓање заемно прифатливо решение за отворените прашања. Ние го направивме нашиот дел, направивме и повеќе отколку што се очекуваше досега, сега е време ЕУ да го направи својот чекор напред, порача Маричиќ.

Според него, крајно време е ЕУ да го одржи своето ветување за земјава и да остане кредибилна и да ја потврди својата улога како глобален актер со забрзување на процесот на проширување и признавање на штетата од одржувањето статус кво, посочувајќи дека Франција има голема шанса да го врати во живот процесот на проширување преку обезбедување на одлуката за почеток на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија, со одржување на првата меѓувладина конференција со двете земји.

И претседателот на Собранието, Талат Џафери во обраќањето на 18-та Конференција на Јадранско-јонската иницијатива во Тирана, порача дека неопходно е Европската унија без одлагање да го утврди датумот за одржување на првата меѓувладина конференција, со која ќе биде означен почеток на преговорите за членство на Северна Македонија и Албанија и оти тоа е најдобро да се случи за време на француското претседавање со ЕУ.

Бугарскиот историчарот Стефан Дечев, пак, најави формирање на заедничка бугарско-македонска „Комисија за историја во сенка“, што ќе работи паралелно со постојната Комисија за историски и образовни прашања и која би требало да го трасира патот на преговарачкиот процес меѓу Бугарија и Северна Македонија.

Дечев, кој е член на новоформираниот Клуб за бугарско-македонско пријателство, во изјава за Бугарското национално радио (БНР) вели дека таа нова комисија ќе има своја агенда, свој календар и свои состаноци и цели и ќе покаже дека не мора да има скандали по секоја средба на историчарите од двете земји.

– Целта е да се покаже дека е можно да се соберат луѓе од двете страни на границата и да се води искрен и плоден дијалог насочен кон сите области од животот, изјави Дечев, кој првиот јавен настан на новиот Клуб во Бугарија го најави за 16 мај.