Вицепремирот и министерот за Транспорт, Александар Николски, оцени дека концептот на Европска унија во повеќе брзини не е нов и дека за него јавно зборувал уште во 2018 година. Според него, дел од јавноста е манипулирана со нереални очекувања, иако сигналите од големите европски држави одамна укажуваат на поинаков развој.
Тој потсети дека францускиот претседател Емануел Макрон излезе со план за Европа во три брзини, а дека Фридрих Мерц, за време на изборна кампања, зборувал за ЕУ со две до четири брзини. Според оценката, денешните процеси претставуваат материјализација на тие политики.
На барање на Макрон, како што беше наведено, беше формирана Европската политичка заедница, која ги опфаќа сите земји од континентот. Сепак, беше потенцирано дека таа не е и не може да биде замена за членство во Европската унија.
Според соговорникот, чекорот направен денес со учество на шесте најголеми земји членки на ЕУ е само понатамошна разработка на веќе постоечкиот план. Тој нагласи дека е неопходно искрено да се зборува за позицијата на земјите кандидати, наместо, како што рече, да им се „продаваат бајки“.
Уште во 2018 година реков дека и по решавањето на прашањето за името, Македонија нема да добие датум за почеток на преговорите. Фактот што ниту во 2026 година нема датум, покажува дека најголемите земји членки на ЕУ не се усогласени околу иднината на проширувањето.
Тој изрази резерви кон актуелните дискусии за можни датуми како 2027 или 2030 година, оценувајќи дека таквите најави можат да доведат до нови разочарувања кај граѓаните во земјите кандидати. Македонија веќе неколку пати бил соочена со слични разочарувања и постои ризик тоа да се повтори како и за нас, така и за земјите од регионот.
Николоски посочи дека Македонија сонува за полноправно членство во Европската унија, но дека придружниот и асоцијативниот статус во голема мера веќе постои. Како примери ги наведе безвизниот режим, слободната трговија и отсуството на царини со ЕУ.
Според него, земјата и сега редовно учествува на состаноци во Брисел, како и другите држави од регионот. Затоа, заклучи дека реалната разлика меѓу сегашниот статус и полуформалните модели на интеграција е мала, додека полноправното членство останува далечна цел.
