Во Европската Унија се подготвува нова рунда поддршка за рударски проекти, со дури 160 поднесени апликации. Овој интерес покажува дека европските земји не го гледаат рударството како спротивност на заштитата на животната средина, туку како индустрија која може да се развива со строги еколошки правила.
Брисел ги забрзува процедурите за добивање дозволи за критични минерали со цел да ја намали зависноста од трети земји. Притоа, остануваат задолжителни научните проценки, континуираниот мониторинг, финансиските гаранции и рекултивацијата на просторот по завршувањето на експлоатацијата.
Во Македонија, пак, единствената актуелна голема инвестиција во металичен рудник е проектот за бакар во Иловица–Штука. Проектот бил ревидиран токму со цел да се одговори на прашањата поврзани со заштитата на животната средина.
Од „Еуромакс Ресоурцес“ посочуваат дека во ниту една фаза од процесот нема да се користат цијанид или сулфурна киселина. Според истражувањата, рудникот би работел 23 години, со производство од над 16.000 тони бакар годишно.
По завршувањето на експлоатацијата, предвидено е рударската постројка да биде демонтирана и отстранета во период од две години, а земјиштето да биде рекултивирано. За таа намена инвеститорот се обврзал да формира фонд од 30 милиони евра, наменет за пошумување и обновување на вегетацијата на пасиштата.
Но, инвестициите во рударството кај нас или не се остваруваат или пак се во застој, каков што е случајот сега со „Иловица-Штука“. Од друга страна, Унијата отвора фондовите и доделува средства преку Европската инвестициска банка за нови рудници кои ќе бидат дефинирани како стратешки проекти.
„Големиот број на апликации ја покажува важноста на Директивата за критични суровини, за обезбедување јасност за промоторите на проекти, потенцијалните инвеститори, индустријата и земјите-членки. За индустријата, овие проекти ќе помогнат во диверзификацијата на снабдувањето и изградбата на синџир во согласност со целите на Директивата, обезбедувајќи безбеден пристап до материјали неопходни за стратешките енергетски, дигитални и одбранбени сектори. Ова е камен-темелник на економската безбедност и долгорочната стратешка автономија на Европа“, соопшти Европската Комисија.
Од Комисијата додадоа дека според апликациите, 75 проекти би можеле да го поддржат вредносниот синџир за батерии, 21 се фокусираат на ретки земни елементи за трајни магнети (од витално значење за ветерни турбини и други обновливи извори), додека повеќе проектни апликации се однесуваат на елементи потребни во одбраната. Комисијата примила 95 апликации од земји-членки на ЕУ и 66 од земји вон ЕУ, вклучувајќи 40 апликации од земји со кои Брисел има склучено стратешко партнерство за суровини.
Првата рунда на селекција во 2025-тата година дефинираше 47 стратешки проекти во ЕУ и 13 проекти во партнерски земји. Дел од нив се во Шведска, која е несомнено меѓу земјите со највисоки еколошки перформанси во светот, но во исто време останува водечка земја во рударството во Европската Унија. Најновиот статистички извештај од Шведскиот геолошки завод – SGU покажува дека во 2025 година во земјата работеле 13 металиччни рудници. Шведска најмногу ископува железна руда, бакар, цинк, олово, злато и сребро. На листата е и Финска, која има развиена индустрија за злато, никел, бакар, кобалт, хром и индустриски минерали.
Австрија нуди еден од највпечатливите европски примери за „екологија и рударство“. Со примена на современи технологии работи рудникот Митерсил во покраината Салцбург, каде се вади шелитна руда за производство на волфрам. На југот на Шпанија, регионот Андалузија е центар на рударството на метали. Во својот извештај од 2025 година, ОЕЦД наведува дека Андалузија обезбедува 35% од рударското производство на Шпанија, концентрира 30% од вработеноста во шпанскиот рударски сектор, сочинува околу 90% од рударството на метали во земјата и е втор најголем производител на бакар во ЕУ.
