– Сега треба да се фокусираме на вториот квартал и периодот до летото. Знаеме дека можеме да ја постигнеме нашата цел да вакцинираме 70 проценти од возрасната популација до крајот на летото, рече претседателката на ЕК на прес-конференција.
Според податоците што ги презентираше Фон дер Лајен, Бионтек/Фајзер и Модерна ги исполнуваат своите договорни обврски во првиот квартал и ги доставија или ќе ги испорачаат до крајот на овој месец количините предвидени за првиот квартал.
– Бионтек/Фајзер ќе испорача 66 милиони дози овој квартал, а Модерна 10 милиони дози, што е во согласност со потпишаните договори, рече Фон дер Лајен.
АстраЗенека, пак, целосно потфрли. Наместо ветените 90 милиони дози во првиот квартал, компанијата прво ги намали на 40 милиони, а сега тврди дека ќе испорача 30 милиони дози овој квартал, три пати помалку од ветената сума.
Ако АстраЗенека го одржи ветувањето за 30 милиони дози, ЕУ може да добие вкупно скоро 106 милиони дози овој квартал.
Значително поголеми количини се очекуваат во вториот квартал, претседателката на Комисијата вели дека може да се смета на Бионтек/Фајзер, кој треба да испорача 200 милиони дози во вториот квартал, Модерна треба да испорача 35 милиони дози, а Џонсон и Џонсон 55 милиони дози.