Европската технолошка индустрија оваа година загубила повеќе од 400 милијарди долари, покажуваат податоците на лондонската компанија „Атомико“ што врши проценки на ризиците во капиталот.
Вкупната вредност на сите јавни и приватни европски технолошки фирми падна на 2,7 трилиони долари од 3,1 трилиони долари на крајот на 2021 година, соопштува „Атомико“ во денеска објавениот годишен извештај „Состојбата на технологијата во Европа“.
„Тие бројки покажуваат дека ова беше многу тешка година за технологијата“, пренесува „Си-Ен-Би-Си“. Некогаш високо ценетите акции на технолошките компании се под притисок на глобалните фактори, вклучително и руската инвазија на Украина и заострувањето на монетарната политика од страна на централните банки.
Федералните резерви и другите централни банки ги зголемуваат клучните каматни стапки и ги намалуваат стимулациите од ерата на пандемијата, за да ја зауздаат растечката инфлација. Тоа ги поттикна инвеститорите да ги преиспитаат своите позиции во технолошките компании што генерираат загуби.
„Оваа беше тешка година – војната во Украина, инфлацијата, зголемувањето на каматните стапки, геополитичките тензии низ целиот континент. Тоа е најпредизвикувачкото макроекономско опкружување од глобалната финансиска криза“, изјави за „Си-Ен-Би-Си“ Том Вемајер, партнер во „Атомико“.
Одредени технолошки фирми во Европа претрпеа остар пад на пазарната вредност.
Се проценува дека оваа година вкупното финансирање на европските стартапи ќе падне на 85 милијарди долари, посочува извештајот на „Атомико“ изготвен врз основа на квантитативни податоци и анкети во 41 земја. Тоа е за 18 проценти помалку од повеќе од стоте милијарди долари собрани од европските стартапи во 2021 година.