Европските сили на готовс за Кипар
Неколку европски земји најавија испраќање на воени сили за заштита на Кипар, поради растечките тензии поврзани со конфликтот на Блискиот Исток. Италија, Шпанија, Франција и Холандија ќе распоредат поморски капацитети во регионот во наредните денови, потврди италијанскиот министер за одбрана Гвидо Крозето пред парламентот.
Европски воени сили за заштита на Кипар
Одлуката доаѓа откако британска база на Кралските воздухопловни сили на островот во понеделникот била цел на беспилотно летало од иранско производство, во контекст на воздушната војна меѓу САД и Израел против Техеран. Француската војска исто така соопшти дека ќе дозволи американски авиони да користат дел од нејзините бази на Блискиот Исток, нагласувајќи дека на тој начин се придонесува за заштита на партнерите во Персискиот Залив.
Шпанија испраќа напредна фрегата
Шпанија ќе ја испрати својата најнапредна фрегата „Кристобал Колон“ за заштита на Кипар, откако нападот со дрон врз британската база на островот го вклучи и овој регион во поширокиот конфликт на Блискиот Исток. Бродот ќе се приклучи на францускиот носач на авиони „Шарл де Гол“ и на бродови од грчката морнарица, со задача да обезбедат заштита и да помогнат при евакуација на цивили.
Во меѓувреме, Шпанија се соочува со силен притисок од САД поради одбивањето да дозволи американската војска да ги користи нејзините бази.
Британија испраќа разурнувач и хеликоптери
Италија најави дека ќе испрати поморски средства во Кипар во наредните денови, како и помош во воздушната одбрана за земјите од Персискиот Залив погодени од ирански напади. Италијанската премиерка Џорџа Мелони изјави дека станува збор за одбранбени мерки, додавајќи дека во регионот се наоѓаат десетици илјади италијански граѓани и околу 2.000 италијански војници кои треба да бидат заштитени.
Британскиот министер за одбрана Џон Хили пристигнал во Кипар во четвртокот. Премиерот Кир Стармер претходно најави дека Велика Британија испраќа хеликоптери со способности за пресретнување дронови и воениот брод „ХМС Драгон“ во рамки на одбранбените операции во регионот.
„ХМС Драгон“ е еден од шесте разурнувачи од класата „Тајп 45“ на Кралската морнарица и е опремен со ракетниот систем „Си Вајпер“, кој може да лансира осум ракети за помалку од десет секунди и истовремено да насочува до 16 ракети. Испратените „Вајлдкет“ хеликоптери се опремени со ракети „Мартлет“, способни за пресретнување и уништување на беспилотни летала.
