Екстремните временски неприлики предизвикаа сериозни финансиски загуби за европските земјоделци во текот на изминатото лето. Сушите, шумските пожари и топлотните бранови го погодија производството низ речиси целиот континент.
Европскиот комесар за земјоделство и храна Кристоф Хансен истакна дека штетите во земјоделскиот сектор се проценуваат на износ меѓу 14 и 17 милијарди евра. Тој ја даде изјавата по завршувањето на министерскиот состанок што се одржа во Брисел.
Целиот обем на загубите ќе стане јасен дури откако ќе заврши жетвата, вели Кристоф Хансен.
Комесарот апелираше за итни вложувања во современи капацитети за акумулација на вода и прецизни методи за наводнување на површините. Како една од клучните мерки за заштита на земјоделците беше посочено и воведувањето задолжително осигурување на посевите.
