По историската победа на бугарската претставничка Дара на Евровизија 2026 со песната Bangaranga, Бугарија веќе започна со подготовките за организација на следното издание на европскиот музички спектакл.
Софија засега важи за најсериозен кандидат
Според информациите на бугарската национална телевизија БНТ, интерес за организација на Евровизија 2027 официјално покажале четири бугарски градови – Софија, Пловдив, Варна и Бургас.
Најголем фаворит во моментов е Софија, која веќе има искуство со евровизиски настани. Во главниот град се наоѓа салата Арена Софија, каде во 2015 година се одржа Junior Eurovision Song Contest. Објектот располага со околу 12.000 седишта, а за концерти капацитетот може да достигне и до 18.000 посетители. Дополнителна предност се аеродромската поврзаност и хотелските капацитети.
Пловдив, Варна и Бургас со свои адути
Во Пловдив, локалните власти како можна локација го предлагаат Стадион Христо Ботев, иако признаваат дека ќе бидат потребни дополнителни реконструкции за организација на настан од ваков обем.
Варна во трката учествува со сала со капацитет од околу 6.000 гледачи, додека Бургас располага со арена што може да прими близу 15.000 посетители.
Конечната одлука ќе ја донесе Европската радиодифузна унија
При изборот на градот домаќин, освен капацитетот на салите, ќе се анализираат и хотелското сместување, транспортната инфраструктура, аеродромската поврзаност и можностите за прием на илјадници туристи и новинарски екипи.
Бугарскиот претседател Румен Радев ја оцени победата на Дара како „огромен успех за Бугарија“, нагласувајќи дека станува збор за историски момент за земјата.
Од Европска радиодифузна унија најавија дека конечната одлука за градот домаќин ќе биде донесена по првите официјални состаноци со БНТ.
