На три локации во Скопје – две во Аеродром и една во централното градско подрачје, на улицата „Рузвелтова“, беа затекнати лица при нелегално исфрлање шут и отпад, сподели градоначалникот на Град Скопје Орце Ѓорѓиевски. Тој порача дека ќе се постапува против секој кој несоодветно се однесува и дека одговорност ќе има!

Тој додаде дека сторителите се лоцирани, веднаш евидентирани и добија налог во текот на утрешниот ден да се јават во просториите на Град Скопје, каде ќе им биде изречена соодветна глоба согласно законските прописи.

Дополнително, наложено им е уште вечерва да го подигнат отпадот и да го однесат на соодветна депонија, со задолжително приложување кантарска белешка како доказ. Доколку тоа не го сторат, ќе следуваат нови санкции.
