Нов дизајн со симболика на единство и гордост
Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) го претстави новиот дрес на македонската фудбалска репрезентација. Новата опрема е изработена во соработка со Adidas и, како што наведуваат, носи силна симболика поврзана со државата.
Од ФФМ порачуваат дека дресот претставува повеќе од спортска опрема.
„Со гордост го претставуваме новиот дрес на македонската репрезентација. Симболика што ја претставува гордоста и единството на нашата земја, каде што секој бод носи спомен, а секоја линија, надеж“, се наведува во објавата.
Порака за идентитет и настап на теренот
Во објавата се нагласува дека новиот дизајн носи порака за стил, став и идентитет на играчите кога настапуваат за репрезентацијата.
„ФФМ и Adidas, едноставно, но кажува доволно. Стил, став и јасна порака кој си и што претставуваш кога ќе излезеш на терен“, стои во соопштението.
Дел од UEFA програмата за национални асоцијации
Од ФФМ информираат дека федерацијата е дел од програмата UEFA Kit Assistance Scheme. Во рамки на оваа програма, националните асоцијации користат специјализирана услуга за дизајн на спортска опрема.
„ФФМ е дел од програмата во рамки на UEFA Kit Assistance Scheme. Националните асоцијации користат ексклузивната ADIDAS ‘Locker Room’ услуга за дизајн, која нуди широк спектар решенија за креирање на тимска опрема“, се наведува во објавата.
