Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, би можела да ја посети Македонија во следните две до три недели. Евроамбасадорот Михалис Рокас очекува посетата да претставува дополнителен поттик за европската интеграција на земјата и одлучувачки чекор кон почетокот на пристапните преговори со Европската Унија.

Рокас денеска изјави дека во изминатите неколку месеци интензивно се работело на организирање регионална посета на претседателката на Европската комисија.

„Во изминатите неколку месеци сите работиме напорно за да се случи тоа. Се надевам дека наскоро ќе имаме регионална посета од претседателката на Европската комисија. Таа би требало да се реализира во следните две до три недели и навистина се надевам дека ќе биде одлучувачки чекор кон започнување на пристапните преговори со Европската Унија“, изјави Рокас.

Запрашан за можноста уставните измени да бидат со одложено дејство како решение за деблокирање на европскиот пат на земјата, евроамбасадорот не сакаше да коментира. Тој посочи дека во моментов не може да сподели повеќе детали.