Претседателката Гордана Силјановска-Давкова, во рамките на посетата на Турција, во Амбасадата на Македонија во Анкара се сретна со претставници на македонската заедница во земјата.
На средбата присуствувале универзитетски професори, лекари, научници и други истакнати професионалци со македонско потекло, кои, и покрај успешните кариери во Турција, останале силно поврзани со своите македонски корени.

На средбата била присутна и Севим Оздемир, претседателката на Здружението „Иселениците од Румелија“.
„Во нивните сведоштва се преплетуваат спомените за родниот крај, грижата за македонскиот јазик и одговорноста тоа богатство да им го пренесат на идните генерации“,напиша таа на Фејсбук.
Претседателката ја поздрави иницијативата на проф. д-р Мелахат Парс, раководителка на Катедрата по македонски јазик при Универзитетот во Анкара, за нејзино целосно етаблирање и за отворање Лекторат по македонски јазик.

Според неа, отворањето лекторат во земја во која живее бројна заедница со македонско потекло претставува природен и стратешки чекор, кој ќе овозможи изучување, негување и афирмација на македонскиот јазик.
„Иницијативата на проф. д-р Мелахат Парс, раководителка на Катедрата по македонски јазик при Анкарскиот универзитет, за целосно етаблирање на истата и отворање Лекторат по македонски јазик во Анкара ја препознав како природен и стратешки чекор. Во земја каде што живее бројна заедница со македонско потекло, лекторатот ќе биде простор за изучување, негување и афирмација на македонскиот јазик“,рекла таа.
