По повод годишнината од настаните во Собранието на Македонија на 27 април 2017 година, македонски организации од Европа, Канада, САД и Австралија денеска во 11 часот започна мирен семакедонски народен протест под слоганот „Демократија во Македонија и слобода за уставобранителите!“. Протестот ќе тргне од пред Владата, а ќе заврши пред Собранието.

Повеќе опозициски партии, меѓу кои и ВМРО-ДПМНЕ, TMРО, Единствена Македонија, Интегра, Подем… го поддржаа протестот. Од протестот до претседателот на Македонија, до Собранието, Владата, до верските заедници во Македонија, до ОН, Советот на Европа, ЕУ, НАТО и ОБСЕ ќе биде испратена Декларација за слобода на уставобранителите.

„Правдата не смее да биде слепа. И еден ден во затвор на неправедно осуден е тежок како година. Македонија не смее да ги заборави своите синови. Слобода за уставобранителите и поддршка на општонародниот протест“, напиша лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на својот фејсбук-профил.

Организаторите на Семакедонскиот протест апелираат до сите учесници да се придржуваат на протоколите за време на пандемија, носење маски и на пропишана дистанца, како и на почитување на неповредливоста на имотите и неприкосновеноста на животите. Организаторите се оградуваат од навредливи скандирања и транспаренти на етничка и верска основа.