МВР предупредува: Лажни СМС и iMessage пораки за сообраќајни казни се обид за измама
Во изминатиот период, сè поголем број граѓани пријавуваат дека добиваат сомнителни СМС и iMessage пораки со наводни известувања за сообраќајни прекршоци и итни повици за плаќање казни. По овие реакции, со официјално соопштение се огласи Министерство за внатрешни работи, предупредувајќи дека станува збор за фишинг напади и обид за интернет измама.
Како функционира измамата и како да се препознае
Од МВР информираат дека измамниците испраќаат лажни пораки преку СМС, електронска пошта, лажни веб-страници и социјални мрежи, при што лажно се претставуваат како „Оддел за моторни возила (MVR)“ или како системот „Безбеден град“. Во пораките се наведува дека возилото на граѓанинот е евидентирано за прекршок и се доставува линк за наводна онлајн уплата.

Како што посочуваат од Министерството, пораките доаѓаат од неофицијални е-mail адреси, често од домени како @hotmail.com, што укажува дека не станува збор за институционална комуникација. Дополнително, линковите не водат до официјалниот домен на МВР, не содржат регистарска ознака на возилото и користат психолошки притисок со пораки за „50% намалување на казната“ доколку се плати во краток рок.
Апел до граѓаните и активни истраги
Од МВР појаснуваат дека вистинските СМС известувања за сообраќајни прекршоци се испраќаат исклучиво од испраќач со ознака „MVR-SC“, задолжително ја содржат регистарската табличка на возилото и линк кој започнува со официјалниот формат: https://safecountry.mvr.gov.mk/
Министерството апелира граѓаните да не отвораат сомнителни линкови, да не споделуваат лични и банкарски податоци, внимателно да ја проверуваат адресата на испраќачот, да користат двофакторска автентикација и сите сомнителни пораки да ги пријават во МВР или во својата банка. Од Секторот за компјутерски криминал информираат дека се водат активни истраги и се преземаат мерки за откривање и санкционирање на сторителите.
