Полето претворено во кал, пластеници распарчени, посеви срамнети со земја

Невреме вчера попладне го зафати струмичкиот регион остави пустош зад себе, особено во атарот на селото Муртино кон населеното место Еднокуќево. Силниот ветар придружен со пороен дожд откорна и испокина полиетиленски платна, ги искриви металните конструкции на пластениците и целосно ги уништи засеаните површини со пиперката куртовска капија, токму во фаза на цутење.

Земјоделците од Муртино денеска уште од рано наутро се на терен, обидувајќи се да санираат барем дел од штетите. Полето е претворено во кал, а секој чекор низ уништените парцели им ги потврдува стравувањата – родот е загубен, а вложеното изгледа неповратно.

Повеќе фотографии од последиците од дождот може да погледнете од веста во продолжение:

Општината реагира, земјоделците бараат 100% обештетување

Од Општина Струмица веќе е формирана Комисија за проценка на штетите. Градоначалникот Костадин Костадинов на својот фејсбук-профил ги повика сите засегнати жители од понеделник да ги пријават штетите во општинската зграда.

„Обилните врнежи предизвикаа сериозни штети во Муртино. Како Општина веднаш формиравме Комисија за проценка и ги повикуваме засегнатите жители и земјоделци од понеделник да ги пријават штетите во општинската зграда“, напиша Костадинов. Тој додаде дека побарал од Владата целосно обештетување, истакнувајќи: „Сè што е под 100% обештетување ќе биде само навреда за овие луѓе“.

Земјоделците, пак, инсистираат државата да интервенира итно, не само поради уништените пластеници, туку и поради огромните штети на самите насади. Велат дека без навремена помош, следната сезона ќе биде речиси невозможна.

Слични сценарија и во други општини

Ова не е прв случај на вакви катастрофални последици од непогоди годинава. Нашиот медиум објави од врнежењето град во беровско.

(ВИДЕО) СИЛНО НЕВРЕМЕ ЈА ЗАФАТИ ИСТОЧНА МАКЕДОНИЈА – Попаднево врнеше град во Смојмирово, беровско

Пред само еден месец, невреме со дожд и град го погоди подрачјето на Василево и Босилово. Таму, според податоците, околу 100 земјоделци пријавиле штети до општинските комисии, кои сега изработуваат елаборати за Советите. Откако тие ќе бидат разгледани и одобрени, случајот ќе оди пред Владата – но само по добивање позитивна проценка од републичката комисија за елементарни непогоди.

Извор: СДК