Тешка повреда сторил “пратеникот кој што врши притисок на државните службеници и на другите вработени во Службата на Собранието во извршувањето на нивните работни задачи”. Ова е запишано во член 14 од Кодексот за етичко однесување на пратениците кој е усвоен во 2018, а како прв предлагач потпишан е пратеникот Талат Џафери, стои во Фејсбук статусот на Антонијо Милошоски.

Тој напиша дека истиот пратеник од позиција на Претседател на Собранието на 11ти мај, како што слушна целата јавност, со крајно вулгарен речник врши притисок кон вработените во службата за седници во Собранието, пцуејќи ги нивните мајки и омаловажувајќи го нивното достоинство.

– Ова е досега најтешката повреда на Етичкиот кодекс, која мора да биде санкционирана согласно истиот. Надлежност за утврдување на вакви тешки повреди направени од претседателот на Собранието има Комисијата за деловнички прашања (чл.15), со која претседава пратеникот Панчо Минов, кој во најкус можен рок треба да закаже јавна седница, да го покани и пратеникот Талат Џафери и да му изрече јавна опомена. Ова би бил еден чекор кон очекуваната оставка после бруката во Собранието, додава Милошоски во Фејсбук објавата.